Јавен сервис
Македонска радиотелевизија МРТ PDF Печати Е-пошта

mrtv2

Улогата на јавен радиодифузен сервис на територијата на Република Македонија ја извршува Македонската радио-телевизија (www.mkrtv.com.mk). Нејзиниот  статус и функциите се уредени со Законот за радиодифузната дејност („Службен весник на РМ“ бр.100/2005 и 19/2007).

 

Макед онското радио и Македонската телевизија ги емитуваат радио и телевизиските програми преку мрежите на Јавното претпријатие Македонска радиодифузија и тоа: две радио мрежи на ултра кратки бранови (ВХФ/ФМ), една радио мрежа на средни бранови (МФ) и две телевизиски мрежи (ВХФ и УХФ).

 

Македонското радио прв пат започна да емитува програма на 28 декември 1944 година. Денес, тоа емитува шест програмски сервиси наменети за домашната публика, но исто така произведува и програма на странски јазик која е наменета за соседните држави и за Европа. Генерално, на радиото се емитуваат програми на јазиците на шест немнозински етнички заедници, и тоа на албански, турски, ромски, влашки, српски и на бошњачки јазик.

 

Македонската телевизија започна со емитување на редовна програма на 14 декември 1964 година. Денес, таа емитува четири телевизиски програмски сервиси, од кои три се пренесуваат терестријално. Четвртиот програмски сервис се емитува од април 2000 година преку Сателитскиот антенски систем лоциран во Сателитскиот центар Нова Брезница и на тој начин се емитува програма за Европа и Австралија.

 

На еден од телевизиските програмски сервиси, МТВ2 се емитува програма на албански турски, српски, ромски, влашки и на бошњачки јазик. На последниве четири јазици, еднаш месечно се емитува забавна или документарна емисија, во траење од еден час.